Ги повикуваме институциите веднаш да спроведат мерки за враќање на довербата меѓу заедниците во Македонија и довербата на граѓаните кон институциите. Тоа ќе се постигне само со доследно, искрено и транспарентно почитување на човековите права и слободи и со владеење на правото.
Ги повикуваме верските заедници веднаш да се повлечат од политиката. Нема место за омраза и воени восклици во ниедна света книга. Војните меѓу Крстоносците и Сарецените завршија пред многу векови. Живееме во 21 век.
Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани на Република Македонија:
Крајно време е да покажеме мудрост и зрелост во овие тешки денови. Мораме да ги разбереме пораките од минатото, за да одиме кон иднината. За воопшто да имаме иднина.
Повиците за мир и толеранција не се празни зборови и пароли – тие подразбираат секојдневно лично ангажирање за да обезбедиме достоинствен и човечки живот за себе и за блиските.
Граѓанките и граѓаните на Република Македонија не смеат да потклекнат на манипулациите кои доаѓаат од центрите на моќ. Поради својата неспособност да понудат решенија на проблемите кои ги засегаат сите подеднакво, центрите на моќ прибегнуваат кон политики и практики кои се кратковиди и погубни за демократијата, човековите права и слободи, безбедноста и владеењето на правото.
„Никој не е роден со омраза кон друга личност поради бојата на кожата, потеклото или религијата. Луѓето мораат да научат да мразат, а како што можат да научат да мразат, тие можат да се научат да сакаат, бидејќи љубовта доаѓа поприродно во срцата на човекот отколку нејзината спротивност.“ – Нелсон Мандела
Испратете ги своите изјави за поддршка на civil.mk@gmail.com
No comments:
Post a Comment