Tuesday, May 8, 2012

БИДЕТЕ ЧЕСНИ!


Апел на Цивил - Центар за слобода, 7 мај, 2012 г.
Следејќи го развојот на настаните во Република Македонија и во континуитет на претходните апели и препораки објавени во претходните неколку месеци, Цивил – Центар за слобода изразува длабока загриженост за состојбата во земјата.
Апелите и препораките објавени во претходните месеци изгледа како да не се слушнати, иако се валидни во поптполност. Во меѓувреме, земјата е под нови ризици секој нов ден, како последица на недостаток од дијалог и погрешни политики.
Затоа, уште погласно ги повторуваме нашите повици за почитување на човековите права, владеењето на правото, демократијата и толеранцијата. Апелираме до сите граѓани и институции во земјата: секој поединец, сите заедници и институции на сите нивоа можат и мораат да преземат чекори во насока на решавање на сериозните проблеми со кои нашето општество и државата се соочуваат.
Бидете чесни.
Влошувањето во сферите на човековите права, демократијата и владеењето на законот мора да престане, а наспроти нив мора да се спорведат итни мерки за пренасочување на сегашните трендови, без одлагање.
Нашиот апел особено се однесува на Владата на Република Македонија и на сите политички партии во земјата.
Сите политички партии мора веднаш да започнат дијалог за главните предизвици кои се однесуваат на сите граѓани на Република Македонија, имено, нивните човекови права и слободи.
Политичките лидери мора да ја остават настрана борбата за власт и веднаш да ја напуштат националистичката реторика чија цел е освојување политички поени пред гласачите.
Од политичките партии се очекува да понудат мерки кои ќе ги надминат етничките граници и ќе понудат визија за европска Македонија за сите.
Работете со вашето членство и симпатизерите и охрабрете ги да направат чекор напред кон нов курс кој оваа земја треба да го заземе.
Бидете чесни.
Владата на Република Македонија мора да превенира понатамошна ескалација на ситуацијата на сите нивоа и во сите сфери.
(Мал пример: емитувањето видео снимки од рациите на специјалната полиција не помага во поправање на ситуацијата ни оддалеку. Напротив, носи само повеќе омраза и ескалација. Вакви и посериозни примери има повеќе.)
Нема потреба од понатамошно елаборирање. Само следете ја агендата која јавно е договорена меѓу Премиерот Никола Груевски и ЕУ Комесарот Штефан Филе. И сторете го тоа на прецизен и транспарентен начин.
Бидете чесни. 

No comments:

Post a Comment