Saturday, April 14, 2012

Злосторство против еден човек е злосторство против човечкиот род


Камењата и повиците на одмазда нема да донесе ништо добро никому. Земањето на правдата во сопствени раце само ќе донесе повеќе солзи, страдање и смрт. Осудата на сите Албанци за ова сурово злосторство е сериозен престап. И обратно, убедувањето дека сите Македонци се одговорни кога Албанци страдале или загинале е апсолутно погрешно. Сите мора конечно да престанат да го прават тоа и да се оттргнат од злокобната спирала на омраза и насилство


Бруталноста, ладнокрвното насилство и колежот чукнаа на нашите врати. 
Уште една застрашувачка вест.
Петмина беа застрелани близу Скопје, вечерта на 12 април. Жртвите се четири млади во доцни тинејџерски години или рани дваесетти и еден 45-годишен маж.
Шокантно. Неверојатно. Трагично.
Им го испраќам моето најдлабоко сочувство на семејствата на жртвите на ова ужасно злосторство, со свест за нивната неискажлива болка. Знаејќи дека ниту зборови ниту дела сега не можат да ја заменат нивната незамислива загуба... Не постои збор на сочувство или утеха што може да ја олесни болката и тагата на мајка или татко, брат или сестра во жалост. Јас изгубив брат на негови 29 години. Болката денеска, девет години подоцна, иста е како и првиот ден.
Сé што можеме да сториме кога ќе се соочиме со неизмерна загуба е да научиме да ја издржиме болката. Со време, таа само ќе стане издржлива, но болката секогаш ќе остане, никогаш не исчезнува. Никогаш не можеме да се навикнеме на загубата, таа боли засекогаш.
Бруталното убиство на петмината во Скопје вечерта пред Велики Петок е кукавички чин. Нема ништо херојско во убивањето. Нема ништо човечко во тоа валкано дело. 
Кој и да е убиецот или соучесникот во овој масакр и мислел дека е праведно да се убие од која и да е причина, дали криминал, крвожедност, одмазда или што и да е друго – направил нешто неповратно и ужасно. Единствената преостаната човечка постапка која можат извршителите да ја направат сега е да се предадат на властите и да се соочат со правдата. Тоа нема да го врати животот на жртвите назад, но сигурно ќе ни помогне на сите нас да престанеме да скитаме во сенката на овој ужасен злостор.
Драги сограѓани, камењата и повиците на одмазда нема да донесе ништо добро никому. Земањето на правдата во сопствени раце само ќе донесе повеќе солзи, страдање и смрт. Осудата на сите Албанци за ова сурово злосторство е сериозен престап. И обратно, убедувањето дека сите Македонци се одговорни кога Албанци страдале или загинале е апсолутно погрешно. Сите мора конечно да престанат да го прават тоа и да се оттргнат од злокобната спирала на омраза и насилство.
Екстремно тешко е повторно да се состават искршените прозорци, да се повлечат зборовите на омраза назад, да изградат мостови на пријателство кога тие еднаш ќе се урнат. Потребен е само момент да се уништи – бескрајно долго време нештото повторно да се изгради.
Државните институции мора да манифестираат високи етички и професионални особини и да ги донесат злосторниците пред лицето на правдата. Полицијата мора да остане смирена и професионална; политичарите и лидерите на заедниците мора да бидат кооперативни и мудри и да апелираат за мир. Институциите мора да работат прописно и во согласност со правдата, законот и редот, со почит кон човековите права и слободи за сите. Така, довербата ќе расте, а оружјето ќе биде истерано од домовите.
Сите ние мора да останеме достоинствени во овие тешки времиња. Злосторството против еден маж или жена е злосторство против сите нас, независно од етничкото, религиозното, расното или социјалното потекло. Ако сите помислиме на ова денеска, ќе се поштедиме од срамот и престапот на лажните обвиненија. Ќе бидеме поштедени од лудилото на насилството кое нé повредува сите нас и идните генерации.

Џабир Дерала
Претседател на Цивил 

No comments:

Post a Comment