Wednesday, November 30, 2011

Насилството меѓу младите


Во Македонија имаме силно развиен и растечки култ кон насилството и антицивилизациските вредности

Растечкото насилство меѓу младите во Македонија најчесто има етнички предзнак. Несомнено, насилството кај младите не можеме да го отпишеме само како реакција на насилничките ТВ програми и компјутерски игри. Секако, свое влијание имаат електронските продукти, но проблемот е многу подлабоко. Во Македонија имаме силно развиен и растечки култ кон насилството и антицивилизациските вредности.
Да ја погледнеме реалноста таква каква што е. Насилството меѓу младите, особено етнички мотивираното, е последица од штетните политики на институциите на државата, деструктивното делување на политичките елити и длабоко вкоренетите предрасуди и нетолеранција во општеството. Кога живеете во држава во која дискриминацијата е институционализирана, а секојдневието и образовниот процес се исполнети со национал-шовинистички содржини и маскулинистички манири, децата и младите се првите жртви.
Етнички мотивираното насилство и насилството воопшто најпрво се толерира, па и се поттикнува дома, во семејството. Но, подеднакво штетно, ако не и поштетно, е влијанието кое децата и младите го трпат на училиште. Тие се опкружени со учебници и наставен кадар кои се производ на крајно неодговорни образовни политики. Мора да се има предвид и фактот дека насилството кај децата и младите и тогаш кога не е етнички мотивирано, често е последица од негативната атмосфера и нетолеранцијата по етничка линија. Нетолеранцијата лесно се канализира, односно трансформира во етничка омраза која резултира во насилство.
Без намера да се заплашува јавноста, сепак, мораме да имаме предвид дека патеката од ладното до огненото оружје е многу кратка. Со оглед на сегашните состојби и трендови, не е далеку денот кога ќе оддекне веста за вооружена престрелка меѓу малолетници кои на нишан ќе ги земат претставниците на, за нив, антагонизираната етничка група. Таквата трагедија ќе има далекусежни последици по безбедноста и развојот на земјата. Родителите, наставниот кадар и институциите на системот мораат да имаат предвид дека таквата можност виси во воздухот и е многу реална.
Загрижувачки сигнали и алармантни настани имавме повеќе од доволно, на што доследна реакција од општеството и државата изостана. Тоа не може да е случајно. Но, тоа што очигледно не допира до свеста на оние што спроведуваат политики или се нивни субјекти е тоа дека оваа приказна нема среќен крај.
Џабир М. Дерала

No comments:

Post a Comment