Да потсетам, сите овде сме на истата страна и треба да се сослушаме меѓусебно со должното внимание и почит. Малку вербална грубост никому не пречи, сé додека се задржуваме во рамките на пристојноста и фер-плејот
Драги мои пријателки и пријатели, другарки и другари, дами и господа,
Ве повикувам на солидарност за мир и почитување на човековите права и слободи!
Следејќи ја преписката на Facebook профилот на Заедно за мир која ја предизвика цитат на сајтот Окно од мојот текст „Марширавме за мир... Што сега?“, инаку во целост објавен на веб страната на Цивил, чувствувам обврска да појаснам неколку работи.
Пред сé, да нема недоразбирања: во името на Цивил - Центар за слобода и во свое име ја поддржав иницијативата Марш за мир без резерви и стодва кома три посто (што би рекла една МК политичка икона). Во ниеден момент не се поколебав во поддршката, верувам, од исти причини од кои ја поддржаа иницијативата и поголемиот дел (или сите, се надевам) иницијатори, како и луѓето кои во моментов коментираа(т) на споменатиот Facebook пост.
БЕЗРЕЗЕРВНА ПОДДРШКА
Дел од иницијаторите на Маршот знаат дека јас и моите колешки и колеги во Цивил тие денови поддршката ја изразивме и на тој начин што сериозно се фрливме на работа да прибереме што е можно повеќе луѓе на Маршот. Овој пост ќе го искористам и како можност уште еднаш да им заблагодарам на сите што дојдоа и учествуваа на Маршот. Не бев во можност да учествувам на координативните состаноци (на кои бев уредно поканет), затоа што се одржуваа во термин кој мене никако не ми одговараше, но внимателно го следев процесот и гледав да бидам од корист барем во делот на ширење на информацијата и поканите.
Да, ја дадов својата безрезервна поддршка, иако имаше одредени сомнежи и стравувања дека оваа иницијатива во старт е подложна на спин. Да, си реков, го гледам и јас тоа, но тоа што е уште поголемо од тие проблеми е повикот да се крене гласот против насилството. Ќе бидам таму и ќе ги убедувам сите околу мене дека на Школка треба да се појават што е можно повеќе луѓе кои искрено ја поддржуваат идејата за мир и соживот, наспроти оние што се таму „со агенда“.
Се надевам дека тие „со агенда“, ако имале барем малку чест, свест и совест, за момент се почувствувале незгодно. Затоа сакав да бидам таму. И ќе бидам таму и во иднина, поточно, сé додека верувам во искреноста на иницијаторите на оваа и вакви иницијативи.
ПОЛИТИЧКИ ГАФОВИ И СПИНОВИ
Како и да е, не смее да се заборави дека на сцената се случија недозволиви политички гафови. Токму поради големината на идејата. Токму поради искреноста која верувам дека ја има меѓу иницијаторите, барем оние што јас ги познавам, односно лично ги запознав тие денови. Грешките треба да се забележат и да се учи на нив, а критиките треба да се примат со доблест и широчина каква што е и самата идеја.
Треба да се разберат сите критичари, и оние со поостар речник и тие кои дипломатски упатуваат на опасностите од злоупотреба на овие и ваквите иницијативи. Разберете ги оние што гледаат сомничаво и со острина. Дел од моите сега веќе возрасни и искусни колешки и колеги имаат и зошто да гледаат на нештата на тој начин.
Во изминатите дваесет години видовме премногу страдања, смрт и погреби, бегалци и раселени во нашето непосредно соседство, па и кај нас (во 2001-та). Притоа видовме (и ден денеска гледаме) политички и воени профитери кои од ужасната деструкција изградија кариери и ги набилдаа своите банкарски сметки до небо. Посведочивме на премногу спинови во кои идеите настрадаа и се извитоперија.
Еве еден спин што може да се случи (се надевам нема!) во блиска иднина... Што ако, наспроти сите напори на мирољубивите луѓе и организации, насилствата ескалираат? Мислите ли дека тогаш нема да се појави некој со снимки од Маршот придружени коментар во стилот: „ние со порака за мир, тие нас со насилство“. Од било која страна може да дојде тоа, а од тоа ќе профитираат малкумина, на сметка на неволјите на многумина. На крајот, губитници се сите граѓани, без оглед на која страна од „линијата“ се нашле.
Што се однесува до мојата „ден потоа“ анализа околу која гледам бранувања, јас (меѓу другото) се обидов да укажам на тоа дека е погрешно што им беше даден простор токму на дел од одговорните за сеење омраза и раздор по етничка основа и политичка афилијација, одговорните за спроведување политики на сегрегација, дискриминација и национал-шовинизам. И стојам зад својата анализа и понатаму. Секако, мојот текст треба да се сфати и во поширок контекст, со Маршот за мир како илустрација и повод да се проговори на сериозни теми. Што значи дека настанот е доволно голем и предизвика доволно внимание за да се зборува и пишува за него дури цела недела подоцна. Тоа е добар знак, па нека се тоа и критики.
На споменатиот пост на Facebook, мојот драг колега Владо Димовски спомена една ситуација која ниеден претседател на држава не смее да си ја дозволи. Се согласувам со него. Но, морам да додадам дека тој и таквиот претседател и не може поинаку да се однесува, бидејќи е дел од структурата која тоа го предизвикува, па и спонзорира на различни начини.
СИТЕ СМЕ НА ИСТА СТРАНА
Сакам моите текстови да бидат прочитани, пренесени, цитирани, во целост, па и во делови. И се радувам кога ги пренесуваат и цитираат. Само да не ми се додаваат зборови кои не сум ги кажал, сé друго (горе-долу) прифаќам J.
Во случајот со цитатите на моите анализи од последниве денови, јас сум многу задоволен. Тие не секогаш ја одразуваат мојата порака целосно, но, ако сака некој да прочита сé, може да оди на оригиналниот извор (сајтот на Цивил), како што препорача извесниот Lica Faces (фала му за тоа и за поддршката).
Моите текстови и изјави може да бидат толкувани погрешно или точно, но тоа е слобода на секој што одвоил од своето време и ги задржал очите и свеста на моите зборови и мисли. Фала им на сите за тоа. Од моја страна, јас ќе продолжам со напорите да трагам по вистината и да ги промовирам и бранам човековите права и слободи. Па и нека ме плукаат поради тоа.
Во случајот со цитатите на моите анализи од последниве денови, јас сум многу задоволен. Тие не секогаш ја одразуваат мојата порака целосно, но, ако сака некој да прочита сé, може да оди на оригиналниот извор (сајтот на Цивил), како што препорача извесниот Lica Faces (фала му за тоа и за поддршката).
Моите текстови и изјави може да бидат толкувани погрешно или точно, но тоа е слобода на секој што одвоил од своето време и ги задржал очите и свеста на моите зборови и мисли. Фала им на сите за тоа. Од моја страна, јас ќе продолжам со напорите да трагам по вистината и да ги промовирам и бранам човековите права и слободи. Па и нека ме плукаат поради тоа.
На крајот, да потсетам, сите овде сме на истата страна и треба да се сослушаме меѓусебно со должното внимание и почит. Малку вербална грубост никому не пречи, сé додека се задржуваме во рамките на пристојноста и фер-плејот.
Критиката и разликите во ставовите треба да нé направат подобри и посилни. Ако тоа не ни успее, идејата ќе пропадне или ќе мутира во нешто грдо.
Џабир Дерала